Снежна бура го парализираше северниот дел на Њујорк

Над 70 милиони Американци ја почувствуваа на своја кожа снежната бура во североисточниот дел на земјата. Силниот ветер денеска го запре сообраќајот, а притоа загина и возач во северниот дел на Њујорк каде има 20-тина сантиметри снег, а низ улиците дува силен ветер.

Градоначалникот на Њујорк ги повика сограѓаните да останат дома.

Во државите Њујорк и Њу Џерси е прогласена вонредна состојба, а гувернерката на Њујорк ги повика жителите да не излегуваат без потреба и да ги полнат резервоарите на автомобилите со гориво и да обезбедат залихи со вода и ќебиња.

Националната метеоролошка служба најави удари на ветер од 80 до 120 км/ч и предупреди на „речиси невозможни сообраќајни услови“ во североисточниот дел на САД.

Околу 3.500 летови за пристигнување и полетување беа откажани денеска и 700 за утре.