„Ниедна постапка на Претседателот нема да е во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“

„Ниту една негова постапка, ниту досега била, ниту отсега ќе биде во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година, вклучувајќи ја и средбата со здруженија на граѓани од Република Бугарија“. Ова стои во соопштението од Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски како коментар за соопштението од Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.

„Претседателот Пендаровски смета дека секоја институција во двете држави треба да даде свој придонес во надминувањето на отворените прашања и во таа насока е посветен за зајакнување на дијалогот и целосна имплементација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка“ нагласуваат од претседателскиот Кабинет.

Во соопштението од бугарското МНР беше објавена загриженост „за последните случувања во Република Северна Македонија, поврзани со постапки на функционери кои изнесуваат негативни ставови во јавноста и кои се во спротивност со позитивната клима создадена од активните напори на владите на Бугарија и Северна Македонија”.

„Неколку дена по успешната заедничка средба на владите на двете земји, повторно сме сведоци на зголемување на тензиите во јавноста предизвикани од конкретни постапки на претседателот на Северна Македонија, кој се обидува да ги обнови темите кои се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Ваквите дејствија не придонесуваат за изнаоѓање решенија за политички прашања во насока на забрзување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија и на меѓусебна доверба“ – соопштија од бугарското МНР.

Сето ова доаѓа откако Пендаровски вчера во неговиот кабинет прими претставници на ОМО „Илинден” и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија кои го информираа за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество.