Словенечкиот амбасадор Предан: Мора конечно да испратите амбасадор во Софија

„Мислам дека е време Северна Македонија конечно да испрати амбасадор во Софија. Мислам дека тоа секако не помогна, да се нема амбасадор и силно дипломатско претставништво во Софија, секако беше причина што можеби комуникацијата не беше како што треба, и не треба да биде кој било“. Ова меѓудругото го изјави словенечкиот амбасадор во земјава – Милан Предан во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

Во врска со новото одложување на македонската интеграција Предан смета дека „процесот на проширување е сè уште жив“.

„Сега целосно сме свесни дека има големи очекувања овде, во оваа земја дека нешто позитивно може да се случи во однос на почетокот на преговори со Северна Македонија. Се сеќавате кога имавме интервју на почетокот на нашето претседателство кажав дека не може да ветиме некои политички чуда, бидејќи бевме свесни дека реалноста не работи во корист на нашиот напор да се донесе овој процес кон успешен крај. Но, ние ветивме дека ќе работиме напорно на ова прашање. Мислам дека го одржавме ова ветување. Во ред, други може ќе имаат пообјективно вреднување на нашето претседателство. Но, мислам дека направивме сè што можевме во оваа моментална ситуација со цел да ги туркаме овие работи напред“ вели Предан.

Тој е со став деказемјите од ЕУ беа сведоци на многу негативни сценарија во изминатите години и треба да се обидеме да мислиме позитивно за работите“.

„Мислам дека е многу важно овој дијалог со новата бугарска влада да започне што е можно поскоро, бидејќи за да се постигне договор на ниво на ЕУ ќе биде потребен компромис на билатерално ниво. Мислам дека е време Северна Македонија конечно да испрати амбасадор во Софија. Мислам дека тоа секако не помогна, да се нема амбасадор и силно дипломатско претставништво во Софија, секако беше причина што можеби комуникацијата не беше како што треба и не треба да биде кој било. Сега на оваа земја ѝ треба навистина искусен дипломат кој ќе биде во секојдневен контакт со новата влада, бидејќи ова е единствениот начин да се постигне договор и можеби ова е единствениот начин да се скрати времето“ вели Предан за „РСЕ“.