Симон Трпчески меѓу номинираните за Меѓународна награда за класична музика
Македонскиот пијанист Симон Трпчески со најновото издание со дела од Шостакович заработи номинација на Меѓународните награди за класична музика (ICMA – International Classical Music Awards).
Трпчески заедно со Јаначек, филхармонискиот оркестар од чешка Острава и диригентот Кристијан Мачелару (Романија), изведуваат програма со дела од Шостакович.
Трпчески во изјава за Македонското радио појасни:
„Станува збор за еден производ од оваа пандемија што јас го иницирав за да бидам продуктивен кога веќе немав концерти. Заедно со „Лин Рекордс“, Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава и романскиот диригент Кристијан Мачелару, кој е шеф-диригент на Националниот оркестар на Франција, како и првиот трубач на овој оркестар – Андреј Кавалински од Белорусија, на моја иницијатива успеавме да организираме снимање на двата пијано концерти на Дмитри Шостакович, како и на Второто трио за виолина, виолончело и пијано, со моите драги колеги од проектот МАКЕДОНИСИМО – Александар Краповски и Александар Сомов. Овој избор е еден опис на различните творечки периоди од животот на Шостакович, а кои сведочат за неговата креативност и оригиналност“ – рече Трпчески.
Добитниците на наградите ќе бидат соопштени на 18. Јануари 2022 година.