
Се обиделе да прегазат полицајци и одзеле службен пиштол: Синдикатот обвинува за политичка манипулација во случајот со натепаните момчиња
Независниот синдикат на полицијата најостро ги осуди обидите за политичка манипулација и, како што наведува, ставањето етнички предзнак на борбата против недозволената трговија со дрога.
Независниот синдикат на полицијата најостро ги осуди обидите за политичка манипулација и, како што наведува, ставањето етнички предзнак на борбата против недозволената трговија со дрога.
Во објава на Фејсбук, синдикатот изнесува детали за полициската акција, наведувајќи дека осомничените лица најпрво се обиделе да ги прегазат полициските службеници, а потоа му го одзеле службеното оружје на еден од нив.
Според информациите со кои располага синдикатот, осомничените се дале во бегство, при што предизвикале неколку сообраќајни незгоди на автопатот Скопје – Тетово. Во тие околности се здобиле со повреди, а дрогата била пронајдена по дополнителна проверка.
Од синдикатот велат дека националноста на полициските службеници кои постапувале во акцијата е ирелевантна, нагласувајќи дека тие го изложуваат својот живот на ризик за да спречат сериозен криминал.
„Криминалот нема етничка граница“, порачуваат од синдикатот, повикувајќи ги сите релевантни институции внимателно да го проверат настанот и постапувањето на полициските службеници.
Истовремено, од Независниот синдикат на полицијата ги повикаа политичките партии да се воздржат од, како што наведуваат, заземање страна на криминалот.