Се ”крчка” проширувањето на парламентарното мнозинство

Иако конечен одговор за коалицирање нема, Таравари се надева дека тоа ке се случи поскоро.

„Околу 90 отсто од програмските определби се синхронизирани, но за кадровските решенија воопшто не разговаравме затоа што средбата траеше многу долго“, рече Таравари по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата. 

Таравари е убеден  дека партијата има најдобри кадри за во Министерството за здравство. Во зависност од рокадата на ресори меѓу СДСМ и ДУИ меѓу министерствата за образование, екологија и за земјоделство, исто така се најавува дека едно би можело да биде отстапено за Алијанса.

Таравари во Владата дојде со папка полна со барања. Станува збор за програма од пет точки, во која станува збор за определбата на државата за евроинтеграции, законите за борбата против корупција, законот за влада, Бирото за рамномерен развој да биде Агенција за рамномерен развој и други закони.

„Првата и најбитна за нас е пакетот наш за борба против корупција и криминал и функционирање на правната држава. За другите е некоректно да зборуваме пред да ги презентираме во Владата“, рече Таравари пред средбата.

На прашањето дали евентуалниот влез на Алијанса ќе предизвика несогласувања во Владата бидејќи Алтернатива се противи, Таравари рече дека тоа е работа на коалициските партнери во Владата.

„Разговарано беше за придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, отпочнувањето на преговорите со ЕУ со крајна цел полноправно членство во ЕУ како и стратешкото партнерство кое Северна Македонија го има формализирано со САД“, се наведува во соопштението.

Главна тема на разговорите биле и неприкосновената борба против корупција, процесот на скринингот ,и процесот на носење одлуки и реформи кои ќе придонесат до што поскора интеграција на земјата во ЕУ. Воедно зборувале и за ефикасното справување со економската криза,носењето реформски закани односно законски решенија за јавна финансиска контрола, спречување на злоупотреба на балансерот, заштита на ранливите категории граѓани, како и законот за Влада, но и институционалното зајакнување на Бирото за регионален развој.

„Ковачевски и Таравари разговараа и се согласија за важноста од унапредувањето на добрососедските односи кои се одлика на македонската политика и дипломатија низ годините, со крајна цел – внатрешна кохезија и меѓународна интеграција на Северна Македонија, но и иден брз напредок и развој на државата“, се наведува во соопштението.

Според информации што се шират во јавноста во понудата за влез на АА во Владата ќе бидат министерствата за правда и за здравство и во зависност од рокадата на ресори меѓу СДСМ и ДУИ меѓу министерствата за образование, екологија и за земјоделство, едно ќе биде за Алијанса.

По средбата на двајцата лидери, СДСМ ќе одржи седница на Извршниот комитет на која ќе се разговара за актуелните прашања.