Се излеа Вардар кај тетовското село Раотинце, поплавени се куќи и ниви

Реката Вардар, чиј водостој енормно се зголеми во последните два дена поради силниот и долготраен дожд, попладнево се излеа кај тетовското село Раотинце, во општината Јегуновце. Според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), поплавени се неколку куќи и објекти.

ЦУК известува дека претседателот на месна заедница од селото Раотинце пријавил дека Вардар се излеал, при што покрај повеќе ниви, поплавени се и околу 15 куќи. Водата од реката се прелеала на критичните места кај соседното село Копанце и преку месноста „Старо Вардариште“ го поплавила Раотинце и околината.

Ова е второ излевање на Вардар во овој регион во последниот месец. Раотинце и околните села често се изложени на поплави кога се излева нашата најголема река.

Водостојот на Вардар во моментов е на максималната кота во коритото, велат од ЦУК.