Северот на Косово е сè уште блокиран, се појавија билборди со порака „Добре дојдовте во ЗСО“

По поставувањето на блокади во северниот дел на Косовска Митровица, во четири случаи од огнено оружје било пукано кон полициските единици, а во еден случај била слушната и детонација, соопшти денеска косовската полиција.

Во соопштението се наведува дека нема повредени ниту меѓу полицајците ниту граѓани.

„Досега се пријавени четири случаи на запрени и малтретирани Албанци кои патувале во тој реон, нанесување повреди и материјална штета врз возила, од страна на осомничени за кои постои сомневање дека се дел од организации за блокирање патишта“, се вели во соопштението.

Граничните премини Јариње и Брњак сè уште се затворени и покрај одлуката на Косово да го одложи за 30 дена спроведувањето на мерките за менување на српските регистарски таблички и документи за еден месец, јавуваат српски медиуми.

Исто така, на северот на Косово се појавија билборди со порака „ Добре дојдовте во Заедницата на српските општини“.

Барикадите на патиштата Јариње-Косовска Митровица и Брњак-Косовска Митровица не се отстранети, тешки товарни возила сè уште ги блокираат овие патни правци. На патот Јариње-Косовска Митровица има барикади на три места, а на патот од Зубина Поток кон Косовска Митровица во месноста Зупче сè уште има тешки товарни возила, така што е невозможно да се стигне до Косовска Митровица, јавува репортерот на Н1.

Тој додава дека никој нема информации кога овие патишта ќе бидат повторно отворени за сообраќај, иако се очекуваше тоа да се случи по одлуката на Приштина.