
Светот му аплаудираше, сега е ред на Македонија: После триумфот во Токио, Каиро и Белград, „Сестра, брат и шахта“ на Манчевски доаѓа дома во недела
На 29 ноември новиот филм на Милчо Манчевски ќе ја има македонската премиера во Скопје. „Сестра, брат и шахта“, добитникот на Гран при во Токио и само втор филм во историјата на Македонија (после „Пред дождот“) што победил на фестивал од А категорија, ќе се претстави за првпат пред македонските гледачи.
На 29 ноември новиот филм на Милчо Манчевски ќе ја има македонската премиера во Скопје. „Сестра, брат и шахта“, добитникот на Гран при во Токио и само втор филм во историјата на Македонија (после „Пред дождот“) што победил на фестивал од А категорија, ќе се претстави за првпат пред македонските гледачи.

Гала премиерата и црвениот килим се најавени за големата сала на Македонската филхармонија, како што беше случај со последните три премиери на Манчевски.
„Македонски филм пред македонска публика. Да ја испочитуваме со мерак“, изјави режисерот Манчевски.
Пред публиката ќе се поклонат актерите и членовите на филмската екипа, кои го создадоа филмот, вклучувајќи и шест гости од Англија, Италија, Бугарија, Србија и Албанија.
Присуството го потврдија 24 странски амбасадори во Македонија, претставници на државниот врв, како и бројни видни граѓани.
За потребите на премиерата, специјално, привремено е увезена опрема за кино-прикажување, соодветна на големата сала на Филхармонијата. Целиот настан е организиран и финансиран со приватни средства.
После главната награда во Токио, „Сестра, брат и шахта“ доживеа успех и на фестивалите во Каиро и во Белград.
Бројни меѓународни критики и рецензии го нарекуваат филмот „потресен“, „самоуверен“, „остра социјална опсервација“, „ексцентричен“, „прекрасно изработен“, „игрив“, „непредвидлив, со љубов изработен, чиста радост“, „потресна и пресмешна ода за двајца аутсајдери“, „духовит и искрен“, „вознемирува и опчинува“, „врвна глума“…
„Сестра, брат и шахта“ е комедија за богати и сиромашни, една лута сатира, ама и суптилна психолошка студија за брат и сестра, кои живеат надвор од тековите на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – си поигрува со жанровските класификации, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
Ова е негов деветти долгометражен филм, а осми игран филм, снимен во иста година со документарецот „Добри луѓе“. Ова е редок куриозитет во светската кинематографија – автор да се појави во иста година со два филма пред меѓународната публика.
Освен Агенцијата за филм која го поддржа филмот после незаконска тригодишна блокада на Манчевски и после две судски одлуки во негова полза, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Македонски компании и културни институции, покрај Министерство за култура и туризам, кои го поддржаа проектот се: Дајнерс клуб, Тиквеш, Витаминка и Окта, како и Пелистерка, Специјал, Такси Глобал, Еурофарм, Македонија турист, Саманта, Мај принт, Македонска филхармонија, Македонскиот народен театар, Фонолукс, Хотел Арка и Види Вака.
Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Симона Спировска, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката Игор Василев Новоградска. Кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.