Само 62 отсто е опфатот со вакцинација против морбили, ИЈЗ предупредува на ризик од нова епидемија

Во земјава е регистриран петти случај на морбили годинава, а опфатот со вакцинација изнесува само 62 отсто, предупреди директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска во изјава за Мета. Таа посочи дека постои реален ризик од повторна епидемија на мали сипаници, а како еден од факторите што придонесуваат за недовербата во вакцинацијата ги посочи дезинформациите што се шират на социјалните мрежи.

Во земјава е регистриран петти случај на морбили годинава, а опфатот со вакцинација изнесува само 62 отсто, предупреди директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска во изјава за Мета. Таа посочи дека постои реален ризик од повторна епидемија на мали сипаници, а како еден од факторите што придонесуваат за недовербата во вакцинацијата ги посочи дезинформациите што се шират на социјалните мрежи.

Вчера министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека најновиот случај на морбили е потврден кај дете на возраст од една и пол година, па со тоа, бројот на заболени сега е пет. Меѓу заразените се три мали деца и еден 45-годишен маж, сите македонски државјани, како и едно лице од Косово.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска предупредува дека нискиот опфат со вакцинација создава услови за ширење на вирусот, особено ако се има предвид дека морбилите се меѓу најзаразните вирусни заболувања.

„Во моментов опфатот со вакцинација изнесува 62 отсто. Постои опасност повторно да имаме епидемија. На овој ризик предупредувавме уште летоска, и како Институт за јавно здравје и како Министерство за здравство. Таа нагласи дека морбилите се пренесуваат исклучително лесно и дека дури и кратка изложеност на вирусот во затворен простор може да доведе до заразување. Доволно е едно заболено лице да престојува во ходник или чекална за да ги зарази другите“, рече Андоновска.

Според неа посебно загрижувачко е влијанието на социјалните мрежи врз довербата на граѓаните во вакцинацијата бидејќи дезинформациите и неаргументираните тврдења придонесуваат за отпор кон вакцинацијата.

„Под нашите објави има многу негативни коментари од луѓе кои не се медицински лица. Се тврди дека сме платени, се изнесуваат разни неаргументирани причини зошто децата не треба да се вакцинираат. Секој има право на свое мислење, но граѓаните треба да се водат исклучиво од проверени информации засновани на медицински докази“, потенцира Андоновска.

Таа потсети и на последната голема епидемија на морбили, која започна во 2018 година и продолжи во 2019 година, кога, како што посочи, опфатот со вакцинација бил повисок од сегашниот, но последиците сепак биле сериозни.

„Во 2018 година имавме епидемија на морбили и тоа при повисок опфат со вакцинација кој изнесуваше 74,8 отсто. Сепак имаше 800 хоспитализирани и четири смртни случаи. Затоа вакцинацијата е неопходна“, нагласи директорката.

Таа предупреди дека невакцинираните лица се изложени на поголем ризик од тешка клиничка слика и компликации ако заболат од морбили.

Од 242 заболени на Косово, 230 немале примено вакцина

Состојбата со бројот на заболени во земјите во регионот е исто така загрижувачка. Во Косово, од вкупно евидентирани 242 случаи, 230 немале воопшто примено МРП вакцина. Националниот Институт за јавно здравје во Косово објави дека од 16 април до 25 октомври 2026 година се потврдени 242 случаи, од кои 18 се пријавени во последната недела.

Во Албанија, тамошниот Институт за јавно здравје објави дека досега имаат евидентирано 169 случаи. Само во јуни се лабораториски потврдени 20 случаи на морбили од 27 сомнителни случаи. Загрижувачки е податокот објавен во билтенот на албанскиот институт дека дури 85 отсто од потврдените случаи на морбили биле хоспитализирани.

Националниот центар за заразни и паразитски болести и Министерство за здравство на Бугарија, пак, во неделниот епидемиолошки билтен објави дека од почетокот на годината се пријавени 592 случаи на морбили, од кои четири во последната извештајна недела.

Во епидемијата од пред 7 години починаа 4 лица и 800 беа хоспитализирани

На 2 јануари 2019 година, македонското Министерство за здравство прогласи епидемија на морбили во Скопје, која траеше цела година. Првиот случај беше евидентиран кај дете не било вакцинирано против морбили, а посетувало градинка во населба Радишани. Надлежните забранија градинка да посетуваат деца кои ја немаат примено вакцината против мали сипаници.

Малите сипаници се многу заразна болест предизвикана од вирус. Болеста лесно се шири кога заразено лице дише, кашла или кива. Може да предизвика тешка болест, компликации, па дури и смрт. Од малите сипаници можат да заболат сите, но најчесто се јавува кај децата. Малите сипаници го инфицираат респираторниот тракт, а потоа се шират низ телото.

Симптомите на мали сипаници обично започнуваат 10-14 дена по изложувањето на вирусот. Исипот е најкарактеристичен симптом. Раните симптоми обично траат 4-7 дена. Тие вклучуваат течење на носот, кашлица, црвени и насолзени очи (конјуктивитис), мали бели дамки во внатрешноста на образите.

Исипот започнува околу 7-18 дена по изложувањето, обично на лицето и горниот дел на вратот. Се шири во текот на околу 3 дена, на крајот на рацете и нозете. Обично трае 5-6 дена пред да избледи. Повеќето смртни случаи од мали сипаници се од компликации поврзани со болеста. (Мета)