Руски олигарх платил дел од трошоците за свадбата на Доналд Трамп Јуниор и Бетина

Доналд Трамп Јуниор и неговата сопруга Бетина потврдија дека руски олигарх близок до Владимир Путин делумно ги платил трошоците за нивната свадбена прослава во мај, откако „ПроПублика“ (ProPublica) објави извештај во кој се открива дека Умар Кремлев потрошил стотици илјади долари на тие настани, пренесуваат светските медиуми.

Доналд Трамп Јуниор и неговата сопруга Бетина потврдија дека руски олигарх близок до Владимир Путин делумно ги платил трошоците за нивната свадбена прослава во мај, откако „ПроПублика“ (ProPublica) објави извештај во кој се открива дека Умар Кремлев потрошил стотици илјади долари на тие настани, пренесуваат светските медиуми.

Повикувајќи се на документи и разговори со три анонимни извори запознаени со настанот, „ПроПублика“ објави дека Кремлев, кој е дел од кругот на блиски соработници на рускиот претседател, ги платил трошоците за изнајмување на еден од островите каде што се одржал приемот и каде што престојувале гостите, како и други големи трошоци, вклучително и спектакуларен огномет.

Во изјава потпишана од брачниот пар и објавена на инстаграм-профилот на Бетина Трамп по објавувањето на извештајот на „ПроПублика“, тие го потврдија придонесот на Кремлев за прославите и го опишаа како „исклучително дарежлив свадбен подарок од пријател, за кој бевме и остануваме неизмерно благодарни“.

„Гардијан“ пишува оти висок претставник на Демократската партија побарал одговори во врска со поврзаноста на семејството Трамп со Кремлев.

„Зошто руски олигарх близок до Путин ја финансираше свадбата на Трамп Јуниор на Бахамите? Умар Кремлев потрошил стотици илјади долари за синот на претседателот. Што добил за возврат? Потребни ни се одговори“, напиша на социјалните мрежи Роберт Гарсија, водечкиот демократ во Комитетот за надзор на Претставничкиот дом.

Кремлев има долгогодишни односи со Путин. Тој е на чело на Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА), спортска организација поддржана од руската државна енергетска компанија „Газпром“. Според „ПроПублика“, плаќањата за свадбата биле извршени преку субјект поврзан со ИБА, лоциран во Дубаи, кој боксерската асоцијација го користи за финансиски трансакции.

Во деновите пред свадбената прослава, тој наводно патувал во Кина како дел од делегацијата што го придружувала Путин, а еден месец претходно рускиот претседател му доделил државно признание – Орден на пријателството. Украинската влада воведе санкции против Кремлев, наведувајќи ја неговата блискост со Путин и со руските безбедносни служби.