Речиси 140 деца побарале помош на педијатрија во Тетово во последните 48 часа – 12 хоспитализирани

Високите температури кои преовладуваат во последните денови го зголемија приливот на младите пациенти во Одделот за педијатрија при Клиничката болница во Тетово.

Високите температури кои преовладуваат во последните денови го зголемија приливот на младите пациенти во Одделот за педијатрија при Клиничката болница во Тетово. Последните податоци покажуваат дека само во последните 48 часа е забележано значително зголемување на случаите, при што за десетици деца е побарана медицинска помош, објави ТВ 21.

– Во Клиничката болница во Тетово, односно во Одделот за педијатрија, имавме 139 случаи во последните 48 часа. Од кои 12 деца се хоспитализирани, а другите се пуштени со домашна терапија, велат од Одделот за педијатрија Тетово.

Најчестите симптоми со кои се јавуваат малите пациенти се високата температура, повраќање и дијареја.

Специјалистот по педијатрија, д-р Иса Османи, објаснува дека овие симптоми се карактеристични за вирусните инфекции во летната сезона и се предизвикуваат од низа фактори од животната средина и хигиенски фактори.

– За оваа детска возраст, повеќето случаи се вирусни инфекции со сезонски карактер. Поради високите температури, начинот на кој се прави храната, употребата на адаптирано млеко — кое бара исклучително голема хигиена при подготовката — како и контактот меѓу болните деца и здравите деца, сето тоа влијае. Овие вирусни инфекции фактички се заразни и покажуваат одредени симптоми. Меѓутоа, не треба за секој случај веднаш да се оди во болница по една дијареја или повраќање. Мајката треба, на пример, да има електролити и да применува различни начини на хранење за да не дојде до дехидрација. Меѓутоа, нашите мајки често се плашат дека детето може да дехидрира, вели Иса Османи, педијатар.

Лекарите апелираат до родителите за зголемено внимание со хигиената на храната, доволна хидратација и избегнување на контактот на децата со погодените лица, за да се спречи понатамошното ширење на овие вирусни инфекции.

За ова остро реагираше Алијанса на Албанците.

„Каде се денес предупредувањата? Каде се прес-конференциите? Каде се министрите, директорите и сите оние кои во Гостивар секој преглед и секое јавување ги броеја како аргумент за создавање јавна паника“, прашуваат од оваа партија.

„Во Гостивар беа објавувани кумулативни бројки, во кои беа вклучени повторени прегледи, контакти со здравствените установи, телефонски повици и советувања. Бројките од ден на ден се користеа за политички цели, додека реалниот број на хоспитализирани лица беше многу помал.

Денес имаме 12 хоспитализирани деца само на Одделот за педијатрија во Тетово, во период од 48 часа.

Зошто сега молчат?

Јавното здравје не смее да се третира различно во зависност од општината, градоначалникот или дневниот политички интерес. Кога бројките се користат за политички напад во Гостивар, а за сериозните бројки во Тетово се избира молк, граѓаните имаат право да бараат одговори.

Исти критериуми, исти стандарди и иста одговорност за сите“, се вели во партиското соопштение.