Тројно е зголемен интересот за вакцинирање со вакцината ДиТеПер, вели д-р Сирма Кировска од поликлиниката „Идадија“. Ред се чека и во другите диспанзери – се ставаат пропуштени дози поради препораката невакцинирани деца да не се примаат во градинка. До 8 февруари имаше 22 случаи на голема кашлица.
Ред се чека за вакцина против голема кашлица во поликлиниката „Идадија“ во центарот на Скопје, пет дена откако Комисијата за заразни болести препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје и невакцинираните деца да не се примаат во градинка.
„Од утрово вакциниравме 56 деца со вакцина ДиТеПер. Во петокот сме имале 67. Претходно вакциниравме просечно по 20 деца дневно, што кажува дека интересот е тројно зголемен“, вели д-р Сирма Кировска од вакциналниот пункт во „Идадија“ за Радио Слободна Европа.
ДиТеПер е комбинирана вакцина која штити од бактерии предизвикувачи на три различни болести – дифтерија, тетанус и пертусис (голема кашлица). Вакцина и ревакцина се става на 2,4,6 и 18 месеци и на 7 години.
Во скопските вакцинални пунктови се вакцинираат и бебиња до една година, но и поголеми деца од три и повеќе години, кои не биле вакцинирани според редовниот календар на имунизација. Д-р Кировска вели дека главно, станува збор за претшколски деца.
Родители што ги затекнавме во вакционалниот пункт велат дека тука гужвата е помала отколку во поликлиниката „Јане Сандански“, каде чекањето е по повеќе од еден час. Оваа поликлиника е во општината Аеродром, која пак е една од општините со најнизок степен на вакцинација на децата според Министерството за здравство.
До 8 февруари, Институтот за јавно здравје(ИЈЗ) регистрира вкупно 22 случаи на голема кашлица. Тоа е повеќе од двојно зголемување на бројот на заболени, во однос на минатиот петгодишен период (2019-2022 година) кога се регистрирани вкупно девет случаи.
Најголем број од заболените, 16 лица, се од Скопје. Три лица се од Куманово, двајца од Гостивар и еден од тетовското село Боговиње.
Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години.
Првиот пријавен случај на голема кашлица во Северна Македонија беше на 5 јануари. Потоа, за само седум дена беа пријавени 11 нови случаи.