Путин: Тие ја започнаа војната, а ние користиме сила за да ја запреме

Рускиот претседател Владимир Путин држи говор за состојбата на нацијата пред двата дома на рускиот парламент, неколку дена пред годишнината од почетокот на војната во Украина.

Тој рече дека говорот го одржува во многу тешко време, во време кога се случуваат историски промени за Русија и нејзиниот народ.

„Секој од нас има голема одговорност. Пред речиси една година, за да го заштитиме нашиот народ од заканите што доаѓаа од режимот во Киев, решивме да започнеме специјална воена операција“, нагласи Путин, додавајќи дека Москва претходно се обидела да го реши проблемот на мирен начин и била трпелива.

„Сепак, тие подготвуваа друго сценарио зад нашиот грб“, рече Путин.

Претседателот на Русија рече дека од 2014 година Донбас верувал и чекал Русија да дојде и да пружи помош.

Путин рече и дека Западот ги споменува договорите од Минск кога Русија искрено се обидуваше да најде мирно решение.

„Тие си играа со животите на луѓето и играа валкана игра. Нивните лаги и дволичност беа видени во Југославија, Ирак, Сирија…“, рече Путин.

„Мислеа дека можат да направат се, но испадна дека така се однесуваат кон сопствениот народ и го доведуваат во заблуда сопствениот народ кажувајќи му за мировните договори за Донбас, сето тоа се лаги. Ние инсистиравме да ги заштитиме нашите интереси и да ја заштитиме нашата позиција. Бевме многу отворени и искрени за дијалог со Западот и инсистиравме Европа и остатокот од светот да имаат ист систем на одбрана и безбедност. Ова им го предложивме на нашите партнери, а за возврат слушавме неискрени одговори. Тие сакаа да да го прошириме НАТО кон нашите граници“, рече Путин.

Тој рече дека Западот ги зајакнува своите воени сили долж руската граница.

„Ниту една друга земја нема толку воени бази како САД низ светот. Тие имаат стотици од нив, целата планета е покриена со нивните бази“, рече Бајден.

„Во декември 2021 година официјално им пристапивме на САД и Европа и побаравме безбедносни гаранции и добивме директно отфрлање. Тогаш стана јасно дека заканата расте и немаше сомнеж дека во февруари 2022 година се беше подготвено за акција во Донбас, дека „Киев донесе оружје и се“, рече Путин.

Рускиот претседател рече дека сето тоа е спротивно на документите на Обединетите нации.

„Тие ја започнаа војната, а ние користиме сила за да ја запреме. Оние кои планираа нов напад на Донбас и Луганск свесно тргнаа кон Севастопол и Крим. Тоа ни беше јасно од самиот почеток. Ние ги штитиме луѓето и нивните домови. Целите на Западот се неограничена моќ. Тие потрошија милијарди за да му помогнат на Киевскиот режим“ рече Путин за време на својот говор.

Пред обраќањето на Путин, неговиот портпарол Дмитриј Песков објави дека Путин самиот го напишал говорот.

Многумина го нарекоа говорот историски за Русија и истакнаа дека ова не е обраќање на Путин само до Русија, туку до целиот свет. Се очекува говорот да трае еден час.

Во салата е и патријархот московски и на цела Русија Кирил.