Пронајдени се 44 тела, а патник кој преживеал тврди дека спасил 8, а не 7 луѓе

Сијка Милева – портпаролка на главниот обвинител на Бугарија на денешната прес-конференција рече дека на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела. Таа рече дека се сретнала со преживеан маж кој и раскажал како го скршил стаклото на автобусот, а тој потврдил дека спасил осум лица, а не седум, колку што има во софиската болница.

„Ние пронајдовме 44 трупа, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 трупа. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот“ рече Милева.

Сведокот, според неа, бил испрашан од истражител, во присуство на преведувач. Тој категорично тврди дека 8 патници се спасиле.

„Јас бев на местото на инцидентот и ги видов јагленисаните трупови, глетката беше ужасна, потешка беше ситуацијата кога заедно со главниот обвинител на Северна Македонија и обвинителката за организиран криминал и корупција ја посетивме болницата „Пирогов“ каде беа сместени седум од повредените. Истите беа во добра физичка состојба, но психички беа во многу тешка состојба. Секој беше во одделна соба во одлични услови и за нив се грижат најдобрите лекари во земјата“ рече Милева.