
Промоција на „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски
Книгата во КИЦ ќе ја промовира проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, директорка на Институтот за македонска литература, со критички осврт кон научниот и книжевно-критичкиот придонес на делото. Програмата ќе опфати и книжевен разговор меѓу промоторката и авторот.
Во Културно-информативниот центар – Скопје вечер од 19 часот ќе биде промовирана книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски, во издание на „Матица македонска“, во која авторот, меѓу другото, истражува необјавени драми на Васил Иљоски, раната поезија на Блаже Конески и Кочо Рацин како книжевен критичар.
Се работи за научно и книжевно-критичко дело во 23 студии, распоредени во пет целини, каде што Антоновски го преиспитува и она што се смета за веќе познато во македонската книжевност. Истражувањето на оставината на Иљоски во Архивот на МАНУ води кон необјавени драмски текстови, меѓу кои е „Младоста не се враќа“. Други студии се посветени на есеистиката на Анте Поповски и на помалку проучуваните дела на Ацо Шопов.

– Посебно место има обемната студија за поезијата на авторите родени во самостојна Македонија. Со неа, книгата го поврзува препрочитувањето на наследството со критичкото следење на книжевноста што се создава денес. „Книжевната наука не смее да се движи според календарот“, пишува Антоновски во предговорот. Од тој став произлегува и насловот: годишнините и настаните може да бидат поттик за истражување, но вредноста на читањето не завршува со поводот што го иницирал, соопшти издавачката куќа.
Рецензентот проф. д-р Веле Смилевски ги поврзува студиите со „автентична критика од модерен тип“, издвојувајќи ги аналитичноста во толкувањето и прецизноста во критичкиот суд.
Книгата во КИЦ ќе ја промовира проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, директорка на Институтот за македонска литература, со критички осврт кон научниот и книжевно-критичкиот придонес на делото. Програмата ќе опфати и книжевен разговор меѓу промоторката и авторот.