Продолжува истрагата за масакрот во Младеновац, денеска изјава ќе даде киндапираниот таксист

Во Вишото јавно обвинителство во Смедерево, таксистот и уште петмина сведоци треба да сведочат за масакрот кај Младеновац, кога Урош Блажиќ (21) уби осум и рани 14 лица во селата Мало Орашје и Дубона, кај Младеновац.

Масовниот убиец Урош Блажиќ побегнал по страотното злосторство што го извршил на 4 мај, при што налетал на такси во Мали Пожаревац и ги киднапирал возачот и девојката Ј.А.(19) која веќе била во автомобилот.

Да потсетиме девојката Ј.А. во вторникот ги опиша настаните од таа ноќ во обвинителството и објаснила како го лажела убиецот дека е бремена затоа што се плашела дека ќе ја убие.

Денеска сведоштво ќе даде таксистот кој по неколку часа возење го одвезол Блажиќ до Вињиште кај Крагуевац. Таксистот потоа повикал полиција, која го уапсила масовниот убиец во куќата на неговиот вујко каде се криел.

Поради оружјето што им било пронајдено, покрај Урош Блажиќ, уапсени се и неговиот татко Радиша и вујко Горан Г. Таткото и вујкото моментно се во притвор и се гонат одвоено.

Инаку, Урош Блажиќ моментално се наоѓа на преглед во Специјалната затворска болница во Белград, а вештаците ќе утврдат дали тој бил здрав во моментот на делото или не.

Блажиќ го призна делото и објасни дека пукал затоа што тој и неговото семејство биле озборувани и омаловажувани од жителите на Дубона и соседното Мали Орашје.