Првата СМС-порака во светот со текст „Честит Божик“ оди на аукција

Првата СМС-порака во светот со текст „Честит Божик“ од 3. декември 1992 година оди на аукција. Денеска е закажано наддавање во француската аукциска куќа „Агут“.

СМС-пораката оди на лицитација како дигитален код. Се работи за Non-Fungible Token (NFT), односно незаменлив токен или жетон. Се работи за криптографски заштитен дел од блокчејн (база на податоци која не се наоѓа на едно место, туку ја сочинуваат помали бази, или блокови, кои се меѓусебно дигитално поврзани, а кои содржат информации за дигитални трансакции од каков било вид).

НФТ е осмислен да претставува нешто единствено. Создаден е како средство за чување на вредноста и како лесно проверлив доказ за сопствеништво над други единствени облици на дигителен или „аналоген“ имот, како што се уметнички дела, колекционерски предмети и слично.

Менаџерот на аукциската куќа го презентира дисплејот со првата СМС-порака во светот непосредно пред таа да биде ставена на аукција во Париз.