
Почина пациент со цистична фиброза, Благојче Илиевски. Тој не го дочека лекот трикафта, објави асоцијацијата за цистична фиброза ( АЦФ).
Од Асоцијацијата велат дека изгубиле свој соборец, кој заедно со него и стотина пациенти со ЦФ изминатиов период алармираа и бараа државата да им го обезбеди современиот лек „трикафта“, како основно човеково право на лек и живот.
„Заради ова, нашиот револт, огорченост и потресеност се исклучително големи, особено затоа што како АЦФ лекот го бараме од 2020 година и апелиравме постојано за итноста од воведување современа модулаторна терапија“, соопштија од Асоцијацијата.
Со кислородна боца Благојче бараше поддршка и од претседателот на државата, Стево Пендаровски. Но, и покрај сите напори, не дочека да добие терапија со лекот „трикафта“.
Благојче денеска, а на ист датум пред 8 години и Тамара. И двајцата починаа чекајќи лек од државата на ист ден, Тамара пред 8 години кога почнаа да се пуштаат “бомбите”, а Благојче денес. Различни министри, различни влади, ист проблем. Пред неколку денови сакав да напишам и да ги споредам, но си реков се работи за луѓе кои се во исчекување дали ќе им се даде шанса.