Почина Кирил М. Петрески, режисерот на „ММЕ кој прв почна“

Со длабоко жалење информираме дека почина нашиот колега, режисер и драматург Кирил М. Петрески (1971–2026), информираат денеска од Народниот театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп.

Со длабоко жалење информираме дека почина нашиот колега, режисер и драматург Кирил М. Петрески (1971–2026), информираат денеска од Народниот театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп.

Кирил Петрески беше член на колективот на НУЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“, каде од 2013 година работеше како драматург и режисер. Со својата долгогодишна и посветена работа, Кирил Петрески остави значајна трага во театарскиот живот и развојот на Театарот „Војдан Чернодрински“, но и свој препознатлив печат во македонскиот театар.

Петрески дипломирал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Слободан Унковски, со претставата „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски.

Во Театарот „Војдан Чернодрински“ ги режираше претставите „Уште една за по пат“ од Харолд Пинтер, „На трета мајка“ од Петар Петрески, „Духот…“ според дела од Војдан Чернодрински и Горан Стефановски, „Сатирикон или големата гозба“ од Петрониј Арбитер, „ММЕ кој прв почна“ од Дејан Дуковски, „Роберто Зуко“ од Бернар-Мари Колтес, „Четвртата сестра“ од Јануш Гловацки, „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, „Маратонците го трчаат почесниот круг“ од Душан Ковачевиќ, „Сонот на Цепенков“ според Марко Цепенков, „Како се станува цар“ од Афродита Кирјаковска, „Хамлет од Горно Дупени“, според „Хамлет од селото Долна Мрдуша“ од Иво Брешан, „Демократија“ од Јосиф Бродски и „Ученикот“ од Мариус фон Мајербург. Со претставата „Четвртата сестра“ учествуваше на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Театар Куманово ги постави „Варијации: диви пајки“ од Дејвид Мемет и „Не играј на Англичани“ од Владимир Ѓурѓевиќ, која беше дел и од официјалната програма на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2010 година. Во НТ „Григор Прличев“ – Охрид ја режираше претставата „На дното“ според делото на Максим Горки.

„НУЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“ упатува искрено сочувство до семејството, блиските, колегите и соработниците на Кирил Петрески. Неговото прерано заминување е голема загуба за Театарот „Војдан Чернодрински“ и за македонскиот театар воопшто. Нека почива во мир“, стои во соопптението.