Почина претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли (65) – објави денеска на Твитер неговиот портпарол, Роберто Куиљо.
Сасоли починал рано утринава, во 01:15 часот во Италија, каде што беше хоспитализиран, соопштил неговиот портпарол.
Сасоли беше во болница во Италија од 26. декември поради „сериозни компликации“ во врска со неговиот имунолошки систем, соопштија од неговата канцеларија.
Италијанецот во септември помина неколку дена во болница поради пневмонија. Мораше да ја прескокне и октомвриската пленарна седница на законодавниот дом поради болест.
Сасоли во декември изјави дека не планира да се кандидира за реизбор на почетокот на 2022 година.
Роден во Фиренца на 30 мај 1956 година, Сасоли беше член на Парламентот на ЕУ повеќе од 10 години, по преминот од новинарство во политика.
Сасоли беше оженет и имаше две деца.