Петков во карантин, посетата на бугарскиот премиер на Скопје е неизвесна

Бугарскиот премиер Кирил Петков и шефицата на неговиот кабинет Лена Бориславова се во карантин, јави БТА.

Мерката е неопходна откако претседателот на Собранието во Бугарија, Никола Минчев имал позитивен тест за Ковид-19, по вчераодржаниот Советодавниот совет за национална безбедност.

„Како што се правилата за сите други, така ќе бидат и ќе се придржуваат до нив”, соопштија од владината прес-служба.

Оттаму појаснуваат дека се уште е нејасно дали средбата со организациите на работодавачи во Советот на министри закажана за денеска попладне ќе биде откажана.

Од македонското МНР засега нема никакви најави за можно одложување на посетата на Петков на Скопје, која ќе биде прва по неговиот избор за премиер на Бугарија.