Поради немање кворум на уставните судии, нема одлука по иницијативата за „работа во недела”

Уставниот суд не донесе одлука за предметот кој опфаќа работа во недела, поради недоволно мнозинство гласови, изјави денеска портпаролката на Уставен суд, Христина Беловска по седницата на која се расправаше по иницијативата поднесена од Стопанската комора во која е оспорен Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи кој во својата содржина опфаќа „работа во недела”.

Таа нагласи дека ова е уште еден од 40-те предмети кои не поминаа на седница поради тоа што нема кворум.

„И уште еднаш, за жал, преку ваков значаен предмет за граѓаните се истакна потребата за пополнување на судиските места“ рече Беловска.

На денешната 28-ма седница на Уставниот суд на дневен ред беа три предмети меѓу кој и тој кој опфаќа работа во недела.

„Рефератот на овој предмет гласеше да не се поведе постапка што значи Законот да остане во правниот поредок односно недела да остане неработен ден освен за дејностите за кои е исклучок и кои се предвидени токму во овој Закон. Овој предмет не го доби доволното мнозинство, а еден од судиите се изјасни дека нема да го поддржи рефератот“ – заклучи Беловска.

По иницијативата за овој предмет судиите ќе се навратат тогаш кога Собранието на Република Северна Македонија ќе го комплетира Уставниот суд со доволен број на судии.