Поради Ковид 19 продолжен е училишниот распуст во Србија

Поради пикот на коронавирусот во Србија, тамошното Министерство за образование реши да го продолжи февруарскиот распуст.

„По бројните консултации и разгледување на целата ситуација и прогнозите дека пикот на овој бран на вирусот се очекува на срединта од месецот, донесов одлука за продолжување на распустот. Учениците со спојување на викендот, државниот празник (Сретење) и со дополнителни два дена ќе имаат вкупно девет слободни денови. Првиот работен ден ќе биде понеделник, 21 февруари“ – изјави министерот за образование Бранко Ружиќ.

Поради тридневното продолжување на есенскиот распуст во првото полугодие, како и поради оваа одлука, училиштата се должни до крајот на учебната година да надополнат два работни дена, додека учебната година ќе биде продолжена за три дена и ќе трае до петок, 24 јуни 2022 година.

Од понеделник, 7 февруари, во средните училишта и вториот циклус од основното образование (5-то до 8-мо одделение) наставата ќе се одржува по комбиниран модел (ден за ден, учениците поделени во две групи), додека учениците од прво до четврто одделение од основните училишта настават ќе ја следат непосредно.

Според здравствените власти, бројот на болни деца на училишна возраст од 6 до 18 години изнесува 4.935.

Учеството на деца на училишна возраст во вкупниот број потврдени случаи на Ковид 19 во истиот период изнесува 4,8 отсто.