Планираното задолжување за оваа година се зголеми на 1,5 милијарди евра!

Со иницијалниот Буџет, државата планираше да се задолжи со 787 милиони евра, но со ребалансот планираниот износ на задолжување е дури 1,5 милијарди евра, покажуваат податоците од Министерството за финансии.

Од 545 милиони евра буџетски дефицит, колку што беше предвидено со основниот буџет, со усвоениот ребаланс, разликата меѓу приходната и расходната страна „порасна“ на 695 милиони евра, со што дополнително треба да се позајмат уште 150 милиони евра. Но, освен за покривање на зголемената буџетска дупка, треба да се покријат и достасаните долгови за оваа година во износ од 191,5 милиони евра. Владата најави дека ќе направи и позајмица за идната година, за што е планирано на депозитната сметка да се остават 620 милиони евра.

Според буџетските ставки, државата планира исто задолжување на домашниот пазар како и во иницијалниот буџет – 353,6 милиони евра, додека износот на планираното здолжување во странство драстично се зголемува  – од 345,8 милиони евра  на нешто над 1 милијарда евра.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека постои план според кој би се задолжиле со финансиски инструменти со кои ќе се обезбедат подобри услови од тоа што сега е на пазарот.