Македонското Министерство за надворешни работи попладнево соопшто дека „Одлуките на здравствените власти на Република Бугарија за самоизолација на дел од владиниот Кабинет на премиерот Кирил Петков, нема да ја променат претходно договорената рамка за посетата на високата бугарска владина делегација на Скопје“.
Од МНР информираат дека терминот 18 јануари, вторник, останува како утврден датум за реализација на посетата, која се очекува да соодветствува и со изборот на новата Влада во земјава.
Во соопштението од Министерството се наведува дека одлуката е донесена по денешните консултации меѓу двете министерства за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија.
Прес-службата на бугарската Влада информираше дека Петков и шефицата на неговиот кабинет – Лена Бориславова ќе бидат во самоизолација во наредните денови поради контакт со заразен од коронавирусот, па затоа неговата посета на земјава планирана за 18 јануари се одложува и наместо него бугарската владина делегација што ќе допатува во Скопје ќе ја предводи вицепремиерката Калина Константинова.