Премиерот на Бугарија – Кирил Петков најави дека неговата прва посета на С. Македонија ќе биде 18. јануари. Тој во интервју за ТВ Блумберг вели дека со Ковачевски сакаат да создадат сосема поинаква рамка за разговорите.
Петков посочува дека досега главниот фокус беше на историската дебата, но оти смета дека е поважно сите дискусии да се стават на победничка основа за сите. Петков рече и дека не разбира зошто мора да лета преку Виена за да оди во Скопје, укажувајќи дека треба да има летови Софија – Скопје. Дополни и дека не му е јасно зошто нема железничка врска помеѓу Софија и Скопје.
За историјата, тој рече дека верува оти луѓето би биле многу понаклонети да бидат поотворени кога ќе се соочат со сите позитивни страни на добрососедството, а такви ги има многу.
Петков посочува дека од бугарска страна е прецизирано и со македонските партнери има многу густ распоред на овие меѓувладини и деловни средби, како и културни групи од двете страни со многу јасни цели.
Бугарскиот премиер изјави дека има силна волја и верува дека улогата и местото на С. Македонија најдобро ќе бидат заштитени доколку земјата биде дел од ЕУ, па колку побрзо напредува, толку побрзо ќе може да се стават поконкретни рокови.