Пендаровски го демантира Меџити дека на Денот на Европа во неговиот кабинет се разговарало за амнестија на Груевски

Претседателот Стево Пендаровски вели дека неговиот став на темата помилување е јасен и честопати повторуван во текот на изминатите години, а тоа е дека нема намера да го амнестира поранешниот премиер. Тој вели дека во неговиот кабинет никогаш немало средба со никого, било политички или неполитички актер, на која се разговарала и договарала амнестија за Никола Груевски. Изет Меџити, вели Пендаровски, можел да провери кај него дека на 9 мај тој остварил средба само со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.

„Проверив кај мене во календарот и освен стандарден работен состанок со моите вработени, точно во 12 часот на 9 мај кај мене во кабинетот бил само Африм Гаши, и се разбира дека не сме разговарале за помилување на Груевски“ – рече Пендаровски за МРТ.

На новинарско прашање дали некој од опозицијата барал амнестија за Груевски, Пендаровски кажа дека никој од него нема побарано амнестија или помилување и ја повтори изјавата од пред неколку дена дека одредени луѓе преку посредници само ја тестирале таа идеја и тоа дали тој е подготвен да го направи тоа.

„Јас не мислам дека некој политичар треба да биде амнестиран, затоа што мојот став е дека секој треба да ја докаже својата невиност преку правните инстанци во земјата“ – кажа Пендаровски.

Изјавата на Пендаровски следува откако пред неколку дена во телевизиско гостување, претседателот на Демократско движење и поранешен висок функционер од редовите на ДУИ, Изет Меџити, кажа дека на Денот на Европа во претседателскиот кабинет било преговарано враќањето на Груевски и дека имало барање за негово помилување, а дека тоа барање било направено по иницијатива на владејачките партии, а не на опозицијата.

Меџити рече и дека тој има факти и докази за тоа кој точно бил на средбата со Пендаровски.

„Не треба многу тоа да го потврди претседателот на државата. Беше на Денот на Европа во неговиот кабинет. Така што, не зборуваме напамет“ – рече Меџити.