Пелоси пристигна во Тајван

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, пристигна во Тајван, започнувајќи ја посетата за која Пекинг предупреди дека ќе ги поткопа кинеско-американските односи, пренесува Ројтерс.

Соединетите Држави „ќе ја платат цената“ доколку претседателката на американскиот Конгрес Ненси Пелоси го посети Тајван за време на нејзината азиска турнеја, објави официјална Кина претходно на 2 август.

„Американската страна ќе ја сноси одговорноста и ќе ја плати цената за поткопувањето на суверените безбедносни интереси на Кина“, рече портпаролката на Министерството за надворешни работи Хуа Чунјинг на брифинг со новинарите во Пекинг.

Пелоси е на турнеја низ Азија која вклучува најавени посети на Сингапур, Малезија, Јужна Кореја и Јапонија. По Сингапур и Малезија, планот за турнеја на претседателот на американскиот Конгрес вклучува застанувања во Јужна Кореја и Јапонија, но најголемо внимание привлече можноста за посета на Тајван. Извештаите за плановите на Пелоси да го посети Тајван ги зголемија тензиите меѓу САД и Кина.

Во разговор со американскиот претседател Џо Бајден минатата недела, кинескиот претседател Си Џинпинг ги предупреди САД дека „играат со оган“ во Тајван. Американските власти честопати правеа дискретни посети на Тајван и нудеа поддршка, но Пелоси е првиот висок американски функционер во поновата историја што ја посетил земјата.

Кина го гледа Тајван како отцепена провинција која мора да стане дел од земјата и не ја отфрли можната употреба на сила за да се постигне тоа. Според политиката на Пекинг, Вашингтон дипломатски не го признава Тајпеј. Сепак, САД му продаваат оружје на демократски самоуправниот остров за да може да се брани.