Османи-Бербок: Германијa е наш најгласен поддржувач на европскиот пат

Во рамки на учеството на 78-то Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари билатерална средба со министерката за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Бербок.

Министерот Османи се заблагодари за гласната поддршка за пристапниот процес на Република Северна Македонија во ЕУ, изразена преку низа чекори како, тнр. „германски“ предлог, клучната политичка основа преку која се создаде денешниот европски пакет за нашите европски интеграции, и усвоената Резолуција во германскиот Бундестаг, со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот на нашата земја кон Европската унија.

“Ваквиот чекор е уште еден чин на поддршка на пријателска Германија на европската иднина на нашата земја и дополнителна гаранција на идентитетските прашања на Северна Македонија, кои се веќе признати од страна на Европската унија“ – додаде министерот Османи.

Бербок упати пораки на поддршка на евроинтегративниот процес на нашата држава, и признание за постигнатиот напредок во исполнувањето на преговарачката рамка. Оцени дека со отворањето на поглавјата, нашата позиција кон ЕУ станува сé посилна, воедно уверувајќи дека германската поддршка на нашиот европски пат ќе продолжи и во иднина.