Автобусот на „Беса транс“ во кој загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени во сообраќајката на автопатот „Струма“ во Бугарија немал лиценца за вршење меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид јавен превоз на патници.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци, па на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа.
„После официјално доставените податоци од Министерството за внатрешни работи, а во однос на опожареното возило со регистарски број SK-0284-BA во сопственост на фирмата „Беса Транс БТБ“, кое учествуваше во сообраќајната несреќа со трагични последици во Република Бугарија, Министерството за транспорт и врски утврди дека за споменатото возило нема издадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз на патници. Истото возило не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци и извод од лиценци за вршење на јавен внатрешен и/или меѓународен превоз на патници која ја води Министерството за транспорт и врски“ соопштија од Министерството за транспорт и врски.
Владата на последната седница го задолжи Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор кај превозникот „Беса Транс БТБ“.