„Нѐ убија“: Независната „Нова газета“ престана да излегува

Независниот руски весник „Нова газета“ денес објави дека престанува со работа поради притисок од руските власти, по неколкугодишна репресија врз тој медиум и неговите новинари поради критичко известување за ситуацијата во земјата и војната во Украина.

Независниот руски весник „Нова газета“ денес објави дека престанува со работа поради притисок од руските власти, по неколкугодишна репресија врз тој медиум и неговите новинари поради критичко известување за ситуацијата во земјата и војната во Украина.

„Весникот престанува да постои. Руските власти и руските безбедносни служби ја принудија нашата редакција да престане со работа“, се вели во писмо до читателите објавено на нивната веб-страница.

Поради широко распространетата цензура и притисок врз независните медиуми во Русија од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, многу новинари беа принудени да ја напуштат земјата, а Москва го етикетира весникот „Нова газета“, кој се сметаше за бастион на независното новинарство во Русија, како „странски агент“.

„Нè убија. На 9 ноември ќе ги изгасиме светлата во зградата каде што живеевме 30 години. Ќе ги исклучиме серверите и ќе си заминеме“, се вели во соопштението.

Порано овој месец, руските власти го приведоа главниот уредник Сергеј Соколов на испрашување и го претресоа неговиот дом како дел од кривична постапка против неговиот колега Олег Ролдугин.

Ролдугин беше уапсен во април под обвинение за „незаконски пристап до компјутерски информации“, за наводно собирање лични информации.

Тој се изјасни за невин, а неговиот домашен притвор беше продолжен до 10 ноември, во исчекување на почетокот на судењето.

Од почетокот на руската офанзива врз Украина, весникот „Нова газета“ значително ги намали своите активности во земјата, а властите ја одзедоа неговата дозвола за работа истата година.

Главниот уредник во тоа време, Дмитриј Муратов, ја доби Нобеловата награда за мир во 2021 година како признание за неговите „напори за заштита на слободата на изразување“ додека беше на чело на весникот.

„Нова газета“ е основана во 1993 година и е позната по своите истраги за корупција и критичко известување за руската политика.

Шестмина од неговите новинари, вклучувајќи ја и Ана Политковска, беа убиени или починаа под сомнителни околности.