Нов пад на слободата на медиумите во Македонија, втора година по ред

Ситуацијата со медиумите и нивната слобода во Македонија очигледно се влошува. Втора година по ред, што некако се совпаѓа со доаѓањето на сегашната влада Македонија паѓа на скалата на Глобалниот индекс на слободата на медиумите на „Репортери без граници“. Во годинашниов извештај Македонија падна за три места и сега е на 45. Во ланскиот извештај имаше забележано паѓање од шест позиции и во 2025 се наоѓавме на 42. место.

Ситуацијата со медиумите и нивната слобода во Македонија очигледно се влошува. Втора година по ред, што некако се совпаѓа со доаѓањето на сегашната влада Македонија паѓа на скалата на Глобалниот индекс на слободата на медиумите на „Репортери без граници“. Во годинашниов извештај Македонија падна за три места и сега е на 45. Во ланскиот извештај имаше забележано паѓање од шест позиции и во 2025 се наоѓавме на 42. место.

Изгледа дека Македонија, барем засега ги помина „златните времиња“ на слободата на медиумите. Во извештајот на репортери без граници за 2023 Македонија имаше огромен скок од 19 места на светската листа и се најде на 39. позиција. Следната 2024 година се искачи уште две скалила погоре – на 36 место. И оттогаш почна да паѓа.

Македонија сега е во групата земји каде ситуацијата е „проблематична“. Од регионот, во групата земји со „задоволителна“ состојба се само Словенија (36) и Црна Гора (41), Хрватска (53) е во групата „проблематична“, како и Бугарија (71), Албанија (83) и Грција (86), а Босна и Херцеговина (90) и Србија (104) се во категоријата „тешка“ состојба.

Оценките на Репортери без граници за медиумскиот пејсаж во Македонија и работата на новинарите се сиви. Во забелешките се вели:

„Иако новинарите не работат во непријателска средина, широко распространетата дезинформација и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините претставници имаат тенденција да имаат лош и понижувачки став кон новинарите“.

Во оценката за медиумскиот пејсаж се наведува:

„Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионалните онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина и индивидуалните портали кои плагираат и копираат и лепат содржина. Исто така, постои голем јаз помеѓу употребата и довербата: најгледаните телевизиски станици – Алсат, Сител, МТВ1, Канал 5 – имаат низок индекс на сигурност“.

„Репортери без граници“ наведуваат дека двете доминантни партии создадоа паралелни медиумски системи.

„Целокупната средина останува поволна за слободата на печатот, но владините агенции не се многу транспарентни, а критичкото новинарство е сè повеќе предмет на напади. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредничка и финансиска независност“, се наведува за Македонија.

Според оценките, во Македонија не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина што влијаат врз слободното новинарство, но се нагласува дека социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани. „Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за пад на јавната доверба во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинарите врз основа на пол, етничка припадност или религија“, се вели во извештајот.

Норвешка пак е на првото место десетта година по ред, додека Еритреја е на последното место трета година по ред. Сирија по Асад бележи најголемо подобрување од сите земји со скок од 36 места во рангирањето.

За првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од земјите во светот сега спаѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба за слободата на медиумите. Во изминатите 25 години, просечниот резултат на сите 180 земји и територии вклучени во рангирањето никогаш не бил толку низок. Од 2001, проширувањето на сè порестриктивни законодавни механизми – особено оние поврзани со политиките за национална безбедност – постепено го поткопува правото на информирање, дури и во демократските земји. Од петте индикатори што се користат за оценување на слободата на медиумите во светски рамки – економскиот, правниот, безбедносниот, политичкиот и социјалниот контекст за новинарството – правниот индикатор забележа најголем пад оваа година, што е јасен знак дека новинарството сè повеќе се криминализира на глобално ниво.

Со исклучок на Косово (84 место од 180 земји и територии во Индексот, со скок од 15 места од 2025), кое бележи подобрување и покрај тоа што останува меѓу најниско рангираните земји во Европа, слободата на медиумите во Западен Балкан генерално се влошува. Од „Репортери“ велат дека иако Албанија (пад од 3 места), Босна и Херцеговина (пад од 4 места) и Србија (пад од 8 места) се стремат кон членство во Европската Унија (ЕУ), сите три земји покажуваат непријателски однос кон новинарството и се ранливи на пропаганда.