Нова година на Балканот во време на пандемија

Втора година по ред, Балканот поради пандемијата на коронавирусот ќе ја дочека Новата година без масовни прослави на отворено, забави и огномети.

Во Романија нема да има организирана плослава на плоштадот, а жителите ќе можат да ја дочекаат Новата година речиси без ограничувања.

На новогодишната ноќ рестораните ќе можат да работат цела ноќ, со пополнетост до 50 отсто од својот капацитет. Од гостите се бара да приложат потврда за вакцинација, прележаност или негативен тест.

Црна Гора воведе нови мерки за спречување на ширењето на Ковид-19, ограничувајќи го работното време на објектите до 22 часот. Новите мерки ќе бидат во сила од 30 декември до 12 јануари. Исклучок ќе биде работата на објектите за новогодишната ноќ, кога ќе можат да останат отворени до 1 часот по полноќ.

Словенија ги забрани новогодишните прослави на отворено, но дозволи рестораните и баровите да работат до раните утрински часови на 1 јануари. Сепак, клиентите ќе треба да имаат Ковид-пропусница и негативен тест.

Во Хрватска и Македонија не се планирани заострувања на мерките за одмор за време на празниците.

Хрватска се надева дека почитувањето на постоечките мерки – растојание, маски – ќе биде доволно за да се одржи ситуацијата под контрола. Новогодишните прослави на главниот плоштад во Загреб не се откажани, но за присуство ќе бидат потребни Ковид сертификати.

Здравствените власти во Македонија, соопштија дека не планираат дополнителни ограничувања, бидејќи бројот на активни случаи останува релативно мал.

Во Србија, нема да бидат откажани новогодишните прослави на отворено, и покрај стравувањата од ширење на варијантата Омикрон.

Во Грција традиционалното пиротехничко шоу на Акропол годинава нема да се одржи. Се враќа задолжителното носење маски и на отворено и на затворено. Земјата дури нареди употреба на две маски или маски со висок степен на заштита во јавниот транспорт и супермаркетите.

Во Турција нема дополнителни забрани или ограничувања за новогодишните празници. Ова важи и за Истанбул, традиционалниот центар на новогодишните прослави.

Кипар ги заостри здравствените мерки пред Нова година, а од денеска за прием во ноќни клубови и дискотеки, како и за свадби, покрај потврдата за вакцинација, потребно е да се направи и брз тест 24 часа порано. Заштитната маска е задолжителна насекаде.