Нова Влада – Ковачевски го предлага кривичарот Тупанчевски за министер за правда

Професорот од Правниот факултет – Никола Тупанчевски ќе биде новиот министер за правда, Славјанка Петровска ќе ја наследи Радмила Шеќеринска во Mинистерството за одбрана, социјалдемократките Јована Тренчевска и Бисера Костадиновска – Стојчевска ќе ги преземат ресорите во Tруд и социјала и Kултура, а поранешната пратеничка од СДСМ – Славица Грковска ќе го замени Љупчо Николоски на местото вицепремиер за борба против корупцијата, тој пак ќе се врати во Министерството за земјоделство.

Позицијата министер за образование и наука, од која се повлече Мила Царовска, пак, се очекува да ја преземе досегашниот министер за информатичко општество и администрација – Јетон Шакири од ДУИ.

Се очекува и во новата Влада на Димитар Ковачевски да има четири министерки. Во новата Влада останува досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ, но ротира на вицепремиерско место во Секретаријатот за европски прашања, односно на позицијата на Никола Димитров.

Досегашните позиции во Владата, пак, се очекува да ги задржат досегашните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски – Оливер Спасовски, кој неодамна се повлече од потпретседателското место во СДСМ и Благој Бочварски, кој порано исто така беше потпретседател на владејачката партија, а едно време беше и градоначалник на Штип.

Реизбраниот потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, пак, останува вицепремиер за економија.

Кандидатите на Ковачевски за членови на неговата Влада вечерва треба да ги потврди Централниот одбор на СДСМ, на седницата што е закажана за 20 часот.

Според најавите, по вечерашната седница на ЦО на СДСМ, Ковачевски уште утре би можел да ги достави до Собранието предлозите за нови министри и програмата за работа на неговиот кабинет.

Како што се најавува, собраниската седница за избор на новата Влада се планира да се одржи наредниот викенд, на 15 и на 16 јануари. Така, кабинетот на Ковачевски би ја презел должност в понеделник на 17 јануари, а веќе следниот ден би имал средба со новиот бугарски премиер Кирил Петков, кој доаѓа во Скопје.