Новата царина го намали прометот на „Тему“ во Европа речиси за половина

Новата царина од три евра за евтини пратки, која Европската Унија ја воведе на 1 јули, предизвика остар пад на увозот од 30 до 40 отсто, покажуваат првите официјални податоци. Мерката директно ги погоди кинеските платформи за онлајн шопинг како Тему, Алиекспрес и Шеин, кои со години ги користеа законските ослободувања за пратки под 150 евра.

Француското министерство за економија објави царински податоци според кои бројот на пристигнати мали пакети на европскиот пазар е намален за речиси 40 отсто откако стапи во сила новата наплата.

Оваа фиксна давачка од три евра по категорија на производ се применува на сите пратки со вредност под 150 евра. До 1 јули овие нарачки беа целосно ослободени од царински давачки. Властите во Париз оценија дека новите правила веднаш ги сменија навиките на потрошувачите и ја ограничија доминацијата на големите кинески трговци.

Статистиката покажува сериозни загуби за платформите од Кина. Продажбата на Тему меѓу јуни и јули падна за 50 отсто, додека Алиекспрес регистрираше пад од 37 отсто.

Шеин забележа помал пад од 15 отсто. Како одговор на давачките, компанијата веќе најави отворање на нов логистички центар во Полска кон крајот на 2026 година, со цел да ги избегне директните увозни оптоварувања преку испорака од внатрешноста на Унијата.