
„Додека секојдневно слушаме во медиумите дека недостасуваат лекови за различни категории пациенти, надлежните институции кои најмалку 10 пати објавија дека формирале Комисија за позитивна листа, сепак во пракса нема доволно ниту основни лекови, а камоли па нови и модерни лекови на позитивна листа. Власта ги заборави клучните предизборни ветувања меѓу кои лек во секое време за секој пациент и нови квалитетни лекови, сокривајќи се зад европски стандарди, заборави на пациентите, нивниот третман и ветувањата дадени кон нив“ рече денеска на прес-конференција Игор Николов, претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со цел транспарентност во овој процес од надлежните институции бараме да одговорат:
Прво, дали законски надлежната институција Агенција за лекови воопшто има податоци за целокупната потрошувачка на лекови во државата?
Второ, зошто од Агенција за лекови и министерство за здравство со години нема ниту еден национален официјален податок и извештај за тоа со што отворено прашање е на кој начин и врз основа на што би се оценувале и проценувале потребите на пациентите во Македонија?
Трето, дали министерството за здравство ги има во предвид протоколите за лекување според начелата на медицина базирана на докази кои не се ажурирани со години?
Четврто, имајќи во предвид низа недостатоци во здравствениот систем, дали може да се очекува објективно одлучување и реална ревизија на позитивната листа?“ рече Николов.
Тој напомена дека „недозволиво е пациентите да се лекуваат со лекови на позитивната листа кои се од 1995 година. Не може да се дозволи за дијабетичарите да нема ленти, да нема квалитетни лекови и 7 месеци да се оставени на милост и немилост. Не можеме да дозволиме за болните од цистична фиброза да го нема веќе неколку месеци и лекот Креон, веќе познатата Трикафта исто ја нема за сите болни, со што директно се крши начелото на еднаквост“.