
Најмалку 90 лица загинаа за време на мигрантската криза во близина на шпанската енклава Сеута
Најмалку 90 мигранти ги загубија животите обидувајќи се по морски пат да стигнат до шпанската енклава Сеута од Мароко, јавува денеска шпанската радиостаница „Кадена Сер“, додека мароканските медиуми известуваат дека бројот на жртви би можел да надмине 100, со оглед на тоа што голем број луѓе сè уште се водат како исчезнати.
Најмалку 90 мигранти ги загубија животите обидувајќи се по морски пат да стигнат до шпанската енклава Сеута од Мароко, јавува денеска шпанската радиостаница „Кадена Сер“, додека мароканските медиуми известуваат дека бројот на жртви би можел да надмине 100, со оглед на тоа што голем број луѓе сè уште се водат како исчезнати.
Шпанските служби пронајдоа 74 тела, додека мароканските власти пронајдоа уште 16. Истовремено, според шпанската телевизија „Ла Секста“ (La Sexta), се зголемува бројот на пријави за исчезнати лица поднесени од семејства во Мароко, кои се обидуваат да ги пронајдат своите блиски што се упатиле кон Сеута.
Локалните власти во Сеута се соочуваат со сериозни логистички проблеми поради големиот број жртви, вклучително и недостиг на капацитети за сместување на телата, додека припадниците на шпанската Цивилна гарда работат на идентификација на жртвите за да можат нивните семејства да бидат известени за нивната судбина.
Во мртовечницата во шпанската енклава Сеута, во Северна Африка, се наоѓаат телата на 88 мигранти кои загинаа изминативе денови обидувајќи се да ја преминат границата од Мароко, изјави претседателот на автономната заедница и град Сеута, Хуан Хесус Вивас, додека локалните власти наведоа дека капацитетите се подготвени да примат до 200 тела.
Официјалниот број на жртви што досега го објави владата изнесува 72, додека локалните власти наведуваат дека во објектот за прием на тела се наоѓаат 88 лица.
Како што пренесува шпанскиот весник „Ел Паис“, Вивас изјави дека длабоко жали за страдањето на луѓето „од двете страни на границата“, напоменувајќи дека и Мароко извлекува тела на загинати мигранти од морето.
Шпанија претходно соопшти дека поставува заштитна бариера долга 500 метри на морската граница меѓу нејзината северноафриканска ексклава Сеута и соседен Мароко, откако претходно оваа недела границата ја преминаа меѓу 50.000 и 60.000 мигранти.