
Националниот парк Маврово уште не е репрогласен: Потребна е итна интервенција од Министерството и Владата
Националниот парк Маврово повеќе од една деценија се наоѓа во неприфатлива правна неизвесност. И покрај јасните законски обврски, процесот за повторно прогласување на Националниот парк Маврово сè уште не е завршен, поради што паркот функционира без клучните механизми за современо и ефикасно управување со заштитеното подрачје – задолжителен план за управување и нов просторен план.
Националниот парк Маврово повеќе од една деценија се наоѓа во неприфатлива правна неизвесност. И покрај јасните законски обврски, процесот за повторно прогласување на Националниот парк Маврово сè уште не е завршен, поради што паркот функционира без клучните механизми за современо и ефикасно управување со заштитеното подрачје – задолжителен план за управување и нов просторен план.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што, иако стручните тимови ја имаат завршено Студијата за валоризација, изработена со јавни и донаторски средства, раководството на ЈУ Национален парк Маврово не се согласува со научните наоди и предложеното зонирање.
Наместо институциите да обезбедат навремено завршување на процесот на повторно прогласување и воспоставување соодветен систем за заштита, во Маврово, продолжуваат активности кои можат да имаат негативно влијание врз природните вредности на паркот, меѓу кои комерцијална сеча, комерцијален лов и поддршка на проекти за изградба на мали хидроелектрани.
„Од 2010 година, кога требало да заврши процесот на подготовка на закон и подзаконски акти, па досега не е донесен закон за повторно прогласување на Маврово за национален парк. Во 2015 година имало иницијатива која без образложение била повлечена од страна на Владата. Неопходно е да постои Закон за националниот парк, затоа што од него треба да произлезат планот и програмата за управување со националниот парк. Овие механизми мора да бидат поставени вертикално, при што Министерството за животна средина е највисок орган за заштита на природата во државата“, изјави Марко Гучески, правник во Еко-свест.

Овој процес се следи и на меѓународно ниво. Во рамки на Бернската конвенција, прашањето за заштитата на Маврово се следи уште од 2013 година. Во 2025 година беше упатена конкретна препорака до македонските власти за запирање на развојот на хидроцентрали во Маврово и за итно повторно прогласување на паркот. За жал, од минатата година нема комуникација помеѓу Секретаријатот на Бернската конвенција и Министерството за животна средина.
„Оваа состојба остава простор за активности кои не се во согласност со заштитата на природата, како што се изградба на хидроцентралите, но и други активности. 21 организација го поддржаа писмото испратено до Министерството за животна средина, со кое бараме Министерството итно и без одложување да го преземе административниот процес на прогласување на паркот, да го стави Законот за репрогласување на Маврово на јавна расправа, за да може да се усвои во Собранието и Маврово да продолжи да работи согласно законите. Дополнително, бараме Министерството да прогласи мораториум на активностите кои не се во функција на заштита на природата. Маврово е нашиот најстар и еден од највредните на европско ниво, парк кој заслужува да добие заштита согласно нашето законодавство и меѓународните обврски.“, истакна Ана Чоловиќ Лешоска, Извршна директорка на Еко-свест.
Барања до надлежните институции
Со цел да се стави крај на долгогодишната правна неизвесност и да се обезбеди соодветна заштита на природните вредности на Маврово, бараме:
– Министерството за животна средина и просторно планирање итно да го преземе административниот процес за повторно прогласување на Националниот парк Маврово;
– предлог-законот за повторно прогласување на Маврово да биде ставен на јавна расправа и да се продолжи постапката за негово усвојување во Собранието;
– да се обезбеди усогласување на управувањето со паркот со научните наоди од Студијата за валоризација и предложеното зонирање;
– да се прогласи мораториум на активности и проекти кои не се во функција на заштитата на природата, додека не се воспостави целосна и функционална законска рамка;
– да се обезбеди исполнување на меѓународните обврски преземени од државата, вклучително и препораките во рамки на Бернската конвенција.
Долгогодишното одложување на процесот на повторно прогласување не смее да продолжи. Потребна е јасна институционална одговорност и итно дејствување за Маврово да добие соодветна, функционална и законски заснована заштита.
Маврово не смее да остане во правен вакуум. Заштитата на неговите природни вредности мора да биде приоритет и обврска на надлежните институции.