Над 80% од Украинците се против територијални отстапки во замена за мир

Дури 82 проценти од анкетираните Украинците сметаат дека нивната земја во ниеден случај не смее да отстапи дел од своите територии како дел од евентуален мировен договор со Русија.

Меѓународниот институт за социологија во Киев интервјуираше 2.000 возрасни граѓани на Украина во периодот од 13 до 18 мај годинава при што 82 отсто од испитаниците рекле дека не поддржуваат територијални отстапки.

Само 10 отсто од испитаниците веруваат дека некои области може да се напуштат за да се постигне мир и да се зачува независноста.

На истокот од земјата, каде што моментално се водат најинтензивните борби само 19% од испитаниците се изјасниле дека се подготвени за територијални отстапки, а во јужна Украина, 83 проценти од испитаниците рекле дека се против какви било територијални отстапки.