Пендаровски во Давос: Потребно е да ѝ помогнеме на Украина, оваа борба е за одбрана на демократските вредности!

Македонскиот претседател Стево Пендаровски се обрати на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос каде во фокусот на дискусијата беше војната во Украина, како заедничка закана што го урна безбедносниот поредок кој со децении ѝ помогна на Европа да напредува во мир.

Се разгледуваа и чекорите што Европската Унија треба да ги преземе во радикално променетиот контекст.

Сите учесниците на панелот ја осудија руската агресија и изразија поддршка за украинскиот народ.

Претседателот Пендаровски рече дека руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата ЕУ да се фокусира на интеграцијата кон земјите од Западен Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на нашиот регион.

„Потребно е да и помогнеме на Украина, да ги убедиме и другите сојузници кои можеби имаат одредена доза на скептицизам. Политиката на „отворени врати” не треба да важи само за НАТО, туку да се применува и за Европската Унија, вратите и на двете организации да останат отворени за украинскиот народ. Украинците се борат за сопствената слобода, но оваа борба е и за одбрана на демократските вредности. Ова е војна на една автократија против демократија. Доколку Путин успее некако да победи во оваа војна, тогаш нема само да ја победи Украина. Северна Македонија во рамки на своите можности дава поддршка на Украина, од воена до дипломатска помош и дека политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и во однос на Европската Унија. Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО Алијансата, туку и за Европската Унија. Во спротивно, концептот за обединета Европа, во мир со себе и со светот од Атлантикот до Урал, ќе биде само сон” – рече Пендаровски.