Над 1.100 инфраструктурни проекти одобрени во општините: Проблемите да не се повторуваат
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ги презентираше резултатите од работата на Министерството во изминатите две години, оценувајќи дека е направен значаен исчекор од, како што рече, политика на ад хок решенија кон системски пристап за развој на општините и регионите.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ги презентираше резултатите од работата на Министерството во изминатите две години, оценувајќи дека е направен значаен исчекор од, како што рече, политика на ад хок решенија кон системски пристап за развој на општините и регионите.
Според Перински, наместо справување со последиците од долгогодишните проблеми, фокусот бил ставен на нивно трајно надминување и создавање услови за долгорочен и одржлив развој.
„Работата на Министерството за локална самоуправа поретко е во центарот на вниманието на јавноста, бидејќи најголем дел од политиките се реализираат преку општините, планските региони и програмите за поддршка. Граѓаните ги гледаат новите улици, водоводи, училишта и градинки, но многу поретко ги гледаат механизмите што овозможуваат тие проекти да се реализираат“, истакна Перински.
Како еден од најзначајните резултати, министерот го посочи инвестицискиот циклус за поддршка на општините, во рамки на кој преку два јавни повици биле одобрени вкупно 1.116 инфраструктурни проекти во вредност од 18,4 милијарди денари.
„Ова е најголемиот инвестициски циклус за општините во поновата историја на Македонија. Тоа не се само бројки, туку нови улици, водоводи, канализации, реконструирани училишта и градинки, енергетски ефикасни јавни објекти и подобри услови за живот во сите општини“, нагласи тој.
Перински посочи дека за првпат е воспоставен Ресурсен центар за поддршка на општините, преку кој е формирана база на експерти, изработени се практични прирачници за локалната администрација и е направена сеопфатна проценка на потребите на сите општини во државата.
Тој нагласи дека значаен акцент бил ставен и на ажурирањето на базите на даночни обврзници, што, според него, претставува една од клучните мерки за финансиска стабилност на општините.
Во делот на законските измени, министерот информираше дека по повеќе од две децении е подготвена најобемната реформа на Законот за локалната самоуправа, насочена кон унапредување на локалната демократија, транспарентноста, дигитализацијата и учеството на граѓаните.
Осврнувајќи се на регионалниот развој, Перински соопшти дека во периодот од 2024 до 2026 година, преку две програми за рамномерен регионален развој, биле поддржани 185 проекти во вредност од над 489 милиони денари.
Во однос на европските фондови, министерот информираше дека активно се спроведуваат пет ИПА III програми за прекугранична соработка со соседните земји, при што во моментов се реализираат 39 проекти со вкупна вредност од над 21 милион евра за македонските корисници.
„Најважното што го направивме во изминатите две години не се само бројките. Најважно е што го променивме пристапот – од модел во кој се реагираше на проблемите, кон модел кој создава услови тие проблеми да не се повторуваат“, порача Перински, додавајќи дека поставените темели ќе овозможат посилни и финансиски постабилни општини и поквалитетни услуги за граѓаните.