„Задоволен што предметниот јавен обвинител по извршените проверки утврди и докажа дека не постои никакво незаконско работење, ниту пак сторено кривично дело од моја страна, во својство на директор на Управата за финансиска полиција. Одлуките на обвинителството потврдуваат дека во институцијата со која што јас раководев нема неправилности и незаконитости во периодот на моето директорување“, вели поранешниот директор на Управата за финансиска полиција.
Тој како и претходно тврди дека, нападот кон него бил исклучиво поради нечии лични цели и интереси, притоа злоупотребувајќи ја јавно обвинителската фунција со цел да му наштети нему на угледот и угледот на Управата.
„Дополнително, ве известувам дека до Основниот граѓански суд имам поднесено тужба против Вилма Русковска, затоа што истата, во неколку наврати во своите јавни излагања во емисиски гостувања, иако свесна за невистинитоста на истите, продолжува да изнесува лажни и невистинити податоци, да лаже и да клевети. Од моја страна, злоупотребите на Вилма Русковска ќе бидат докажани и обелоденети до крај.“, вели Муареми.
Како што беше објавено вчера, постапувајќи по двете кривични пријави против поранешниот директор на Управата за финансиска полиција (УФП) Арафат Муареми и вработени службеници во Управата, јавниот обвинител врз основа на прибраните вербални и материјални докази утврди дека во однос на двете кривични пријави не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела или друго кривично дело кое се гони по службена должност.