
Мрежата на политички врски зад Еуроњуз: Како Вучиќ, Орбан и Телеком Србија се поврзани со европската телевизија?
Во центарот на истражувањето на „Рапортер“ е португалскиот инвеститор Педро Варгас Давид, претседател на Еуроњуз. неговата компанија неколку месеци пред изборите ги презеде главните независни медиуми во Србија
Европската телевизиска мрежа Еуроњуз, основана со амбиција да стане европски одговор на американската Си-Ен-Ен, во последните години разви блиски односи со политички поврзани инвеститори и влади на земји кои се соочуваат со критики за падот на демократските стандарди. Истражувањето на порталот „Рапортер“ (поранешен „Еурaктив“) ги открива врските на сопственикот на Еуроњуз со унгарскиот премиер Виктор Орбан и Александар Вучиќ, додека поранешни вработени во Еуроњуз Србија зборуваат за политички притисок, отпуштања и недостаток на поддршка од централната телевизиска станица во Брисел.
Според истражувањето на „Репортер“, врз основа на финансиска документација и интервјуа со 14 сегашни и поранешни вработени, „Еуроњуз“ помина низ значајна трансформација во последните години. Телевизијата, која првично беше основана за да им понуди на европската публика независни меѓународни информации, сè повеќе се потпира на инвеститори и деловни партнери со блиски политички врски.
Во центарот на истражувањето е португалскиот инвеститор Педро Варгас Давид, претседател на Еуроњуз и еден од клучните луѓе кои денес ја контролираат оваа европска медиумска мрежа.
Еуроњуз годинава организираше во Брисел втор самит за проширувањето на ЕУ на кој учествуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, но беше критикуван од повеќе страни.
Педро Давид е сопственик на инвестицискиот фонд „Алпак капитал“, кој во 2026 година го иницираше преземањето на медиумите на „Јунајтед Груп“ во Србија и регионот, вклучувајќи ги Н1, ТВ Нова, порталот и весникот „Нова“, неделникот „Радар“ и весникот „Данас“. Во август, тој ги презеде директорските места во компаниите преку кои овие медиуми работат во Србија, по што претходните директори беа заменети.
Неговата инвестициска компанија „Алпак капитал“ го презеде Еуроњуз во 2022 година, со поддршка на лице поврзано со унгарскиот премиер Виктор Орбан, објавува „Рапортер“.
Педро Варгас Давид ја започна својата кариера во финансирањето на стартап компании, а подоцна учествуваше во еден од најзначајните зделки во унгарскиот телекомуникациски сектор, преземањето на „Водафон Унгарија“.
Според „Репортер“, аналитичарите го гледаат овој договор како дел од пошироката стратегија на Виктор Орбан за зајакнување на своето влијание врз домашните медиуми и телекомуникации.
После тоа, „Алпак капитал“ ги прошири своите операции на португалскиот медиумски пазар, а во 2022 година го презеде Еуроњуз.
Таткото на Педро, Марио Давид, поранешен португалски европратеник и близок соработник на Виктор Орбан, исто така игра важна улога во оваа приказна.
Марио Давид со години е политички поврзан со унгарскиот премиер, а „Репортер“ наведува дека тој има долгогодишни врски и со Александар Вучиќ.
Кога беше објавено преземањето на „Еуроњуз“, Педро Варгас Давид ја претстави својата инвестиција како придонес кон европската демократија.
Меѓутоа, политичките врски на новите сопственици и начинот на кој се работеше со телевизијата подоцна станаа предмет на критики од вработените и одделни европски политичари.
Посебно внимание на истражувачите на „Репортер“ привлече самитот на Еуроњуз за проширувањето на Европската унија во Брисел, каде што беше организирано интервју со Александар Вучиќ.
Според авторот на истражувањето, интервјуто било невообичаено благо кон политичар чиј став кон демократските институции и блиските врски со Москва со години предизвикуваат загриженост во Брисел.
Разговорот започнал со прашањето дали Вучиќ сè уште се смета себеси за „убеден Европеец“.
Сепак, како што наведува „Репортер“, за време на интервјуто не биле поставени прашања за масовните протести во Србија, навредите што Вучиќ ги упати кон европските политичари, ниту за тензиите меѓу неговата партија и Европската народна партија.
Наместо тоа, за време на разговорот, Вучиќ коментираше за бирократскиот јазик на европските институции и ја спомена својот пријател Марио Давид, татко на главниот инвеститор на Еуроњуз.
Врските на „Еуроњуз“ со Србија беа продлабочени во 2021 година, кога беше лансирана телевизијата Еуроњуз Србија, преку партнерство со „Телеком Србија“, компанија во претежно државна сопственост.
Тој проект беше претставен како обид за поврзување на западните новинарски стандарди со локалниот медиумски пазар.
Сепак, според тврдењата на поранешните вработени, објавени од „Репортер“, одржувањето на уредувачката независност со текот на времето стануваше сè потешко.
Поранешните вработени ја наведуваат средината на 2023 година како една од пресвртните точки, кога телевизиската презентерка Миња Милетиќ стана регионален директор.
„Ни беше кажано да не заборавиме кој нè плаќа“, се присети еден поранешен продуцент на Еуроњуз.
Тензиите во редакцијата дополнително ескалираа во април 2025 година, за време на масовните протести против властите во Србија.
Речиси 80 вработени во Еуроњуз Србија потпишаа отворено писмо во кое се оградија од изјавата на раководството на телевизијата во врска со блокадата на Радио-телевизија Србија.
Некои од потписниците подоцна беа отпуштени, а организациите за заштита на новинарите оценија дека тоа е одмазда за нивното јавно говорење.
Телеком Србија исто така изјави дека компанијата не се меша во внатрешното работење на Еуроњуз Србија и дека смета дека таа телевизија е уреднички независна.
Овој случај е особено значаен со оглед на тоа што слободата на медиумите е едно од клучните прашања во процесот на европска интеграција на Србија.
Репортерката потсетува дека за време на нејзината посета на Белград, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласила дека напредокот во областа на слободата на медиумите е неопходен за Србија да се приближи до Европската унија.
Според податоците на „Репортери без граници“, Србија е на 96-то место на светскиот индекс на слобода на медиумите, додека пред десет години беше на 59-то место.
Истражувањето го постави и прашањето за одговорноста на европските институции, со оглед на тоа што Еуроњуз со децении добива значителни средства од буџетот на Европската Унија.
Според документите до кои дојде „Репортер“, Европската комисија ги проверува содржините финансирани со европски пари, но нејзиниот надзор не се однесува на целата сопственичка структура или на уредувачката независност на телевизијата како целина.