МНТ во 2028 ќе биде домаќин на есенската конференција на Европската театарска конвенција

-Со нетрпение очекуваме да ја пречекаме европската театарска заедница во Скопје, токму во оваа посебна година, кога нашиот град ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата, истакна Кимовски.

Меѓународна театарска конференција на Европската театарска конвенција (ETC), која обединува повеќе од 100 театарски професионалци од над 30 европски земји, се одржува од 5 до 8 ноември во Софија.

На конференцијата присуствува и генералниот директор на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, кој денеска остварил средба со извршната директорка на ETC, Хајди Вајли.

МНТ соопшти дека Кимовски и Вајли разговарале за подготовките за есенската конференција на ETC во 2028 година, чиј домаќин ќе биде Македонскиот народен театар во Скопје.

-Со нетрпение очекуваме да ја пречекаме европската театарска заедница во Скопје, токму во оваа посебна година, кога нашиот град ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата, истакна Кимовски.

Домаќин на годинашната конференција е Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија. Во фокусот на конференцијата се современите предизвици и можности за поврзување на европските театри, интеграција на новите технологии и зачувување на човечките односи како темелна вредност на театарското творештво.

-Организацијата на конференцијата во 2028 година за Македонскиот народен театар претставува извонредна можност Скопје да биде место на средба, размена и соработка на европската театарска заедница, наведува МНТ во соопштението.