Мицкоски призна: Преговарачката рамка не може да се промени

„Не очекувам дека во евроинтегративниот процес ќе има какви било промени, бидејќи тоа е договор којшто може да се промени само со консензус. Не очекувам дека некои од земјите членки ќе сакаат да се промени тој договор во којшто би изгубиле делумно од своите позиции…“

Најмалку една година пред изборите во 2024 тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ водеше кампања дека преговарачката рамка со ЕУ може да се промени. Нејзините претставници и некои аналитичари тврдеа дека преговарачката рамка не е исклесана во камен за да не може да се промени.

Тој наратив дека е можна промена на преговарачката рамка траеше уште најмалку една година по победата на изборите во 2024, а потоа полека да исчезнува од дискурсот на владејачките претставници, откако таквата можност беше отфрлена од сите главни претставници на Европската унија.

Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот конечно призна – преговарачката рамка не може да се промени. Во интервју за МТВ за двете години на владата, премиерот рече:

„Не очекувам дека во евроинтегративниот процес ќе има какви било промени, бидејќи тоа е договор којшто може да се промени само со консензус. Не очекувам дека некои од земјите членки ќе сакаат да се промени тој договор во којшто би изгубиле делумно од своите позиции…“

Тој се осврна на нон-пејперот на Франција и Германија и кусо забележа дека на средбите со Емануел Макрон и Фридрих Мерц давал предлози за нивниот план за интегрирање на Западен Балкан. Но не кажа дали станало збор и за македонскиот излез од европскиот ќор-сокак.

„Можеби е доволно да се најде некој друг механизам како Реформската агенда или Планот за раст, па на тој начин, практично да се дадат поттици и поддршка на земјите од Западен Балкан. Тоа беше мојот предлог што го дадов на тие билатерални средби и мислам дека предизвикав внимание. Ќе видиме сега дали тоа ќе биде операционализирано“, рече Мицкоски.