Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски попладнево во Собранието на Република Македонија го достави предлог-составот за новата Влада, а веднаш потоа им се обрати на граѓаните:
– Не ветувавме многу за време на кампањата, ама ветивме дека Македонија ќе биде повторно на граѓаните и ќе излезе од канџите на онаа група властодршци. Имаме група на луѓе која е мотивирана и јас очекувам дека секој од нив максимално ќе се заложи за да направиме нешто добро за нашите граѓани. Очекувам бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, нема да има толерирање без разлика од која партија доаѓа лицето што се огрешило. Истовремено, сериозно планираме да расчистиме со сомневањата и информациите за многу злоупотреби во последните 7 години. Очекувам брзи резулати на полето на економијата, ќе имаме цврста влада – порача Мицкоски.
Имаме класичен егзодус, младите си заминуваат од земјава, забележа мандатарот.
– Ќе работиме на тоа да немаме поделба и политичка каста. Тоа јас лично го гарантирам. Верувам во секој од предложените функционеери дека ќе ги следи овие насоки. Доаѓаат подобри времиња за граѓаните, за земјоделците, за пензионерите… Планираме да ги зголемуваме пензиите, бизнис-околината да генерира поголеми приходи. Нема да газиме кал во 21 век. Сите ќе имаат вода за пиење, нема да има гужви во градинките, учениците ќе учат во топли училници. Ќе следуваат многу убави работи, почнуваме офанзивно. Сигурен сум дека нема да ја изневериме довербата. Нема да трошиме пари бадијала. Што се однесува до избори, ние уште утре сме спремни да одиме на нови избори, ама нема да го сториме тоа затоа што не сакаме да ги трошиме парите на граѓаните. Со тие пари потрошени за избори може да се направи нешто многу покорисно. На пример, зошто да не се укинат придонесите за новинарите, па тие да имаат повисоки плати од сегашните? – истакна Мицкоски, ветувајќи им на пензионерите зголемување на пензиите за 5.000 денари.
Секој член на оваа Влада мора да има промакедонски ставови, додаде тој.
– Секој што ќе излезе од тие граници, нема да биде дел од оваа Влада. Очекувам сите да имаат промакеоднски позиции. Јас како мандатар и како иден претсетател на Владата очекувам секој функционер да има протатковински позиции. Што се однесува до безбедносните сертификати, можам да ви набројам многу членови на Влада кои немале сертификати, а биле дел од владата – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој уште еднаш ги соопшти сите 23 функционери кои ќе ја составуваат идната влада:
Предлог за заменик претседател на владата и министер за транспорт е Александар Николоски. Прелог за министер за одбрана ее предложен Владо Мисајловски. Предлог за функцијата министер за финансии е Гордана Димитриеска Кочоска. Предлог за министер за надворешни работи и надворешна трговија е Тимчо Муцунски. Предлог министер за локална самоуправа е Златко Перински. Предлог за министер за информатичко општество и дигитална трансформација е Стефан Андоновски. Предлог за министер за спорт е Борко Ристовски. Предлог министер за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска. Предлог за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е Цветан Трипуновски. Предлог за министер за култура и туризам е познатиот актер Зоран Љутков. Предлог за министер за внатрешни работи останува Панче Тошковски кој во изминатите речиси четири месеци ја извршуваше функцијата технички министер во ова министерство. Предлог за министер за образование и наука ќе биде професорката Весна Јаневска. Од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ се предложени, Љупчо Димовски од Социјалистичката партија за заменик претседател на владата и министер одговорен за политички систем. Иван Стоилковиќ претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија ќе биде предлог за заменик претседател на владата и министер кој ќе биде раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците. Шабан Салиу кој ќе биде предлог за министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми – истакна Мицкоски.
За министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е предложен Изет Меџити од коалицијата ВРЕДИ, министер за здравство Арбен Таравари, министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, министер за економија Бесар Дурмиши.
За министер за правда е предложен Игор Филков, додека за министер за јавна администрација Горан Минчев од Движењето ЗНАМ.
Дебатата за состав на новата Влада ќе започне в сабота во 11 часот во Собраието, а ќе заврши в недела на полноќ во 24 часот.