Митева потврди: Прославата за независноста чинела 5.530.000 евра

Портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција испровоцирана од силните негодувања во јавноста соопшти дека настаните организирани по повод независноста на државата чинеле околу 5.530.000 евра, односно 340 милиони денари. Од нив главнината е дивиденда на „Лотарија“ од 2024 година (300 милиони денари), а околу 40 милиони денари се донации од „општествено одговорни компании“ кои, како што нагласи Митева, не се криеле и јавно стоеле зад целиот настан.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција испровоцирана од силните негодувања во јавноста соопшти дека настаните организирани по повод независноста на државата чинеле околу 5.530.000 евра, односно 340 милиони денари. Од нив главнината е дивиденда на „Лотарија“ од 2024 година (300 милиони денари), а околу 40 милиони денари се донации од „општествено одговорни компании“ кои, како што нагласи Митева, не се криеле и јавно стоеле зад целиот настан.

Со тоа се потврдија информациите и за сумата на потрошените пари, и за начинот на кој беа обезбедени, а разликата е само во тоа што јавноста ги смета за пари на граѓаните средствата на „Лотарија“, а Владата – дека не се, односно дека прославата не ги чинела ништо.

Митева исто така тврдеше дека „Авалон“, како организатор на прославата е носителот на дејноста, а компанијата „Стардаст“ ДООЕЛ, која добил пари на име спонзорство од „Лотарија“, е само правен субјект, односно дека тие се едно исто. Таа тврдеше, исто така, дека за споредба со минатото кога се правеле вакви прослави, сега постапката била транспарентна и отчетна, споменувајќи 8,2 милиони евра потрошени од Артан Груби и Перпарим Бајрами за прослава кои „отишле во ветер“, без да спомне дека на двајцата во моментов им се суди.

Прес-конференцијата започна со долго и несмасно извинување и умилкување на сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески, кон новинарката од „Слободен печат“ за обвинувањето дека нејзиното прашање колку чинела прославата – е провокација.

„За реализацијата на настаните за прославата на 35 години независност на државата не се потрошени буџетски средста, трошокот за овие настани не ги чини граѓаните и ова е лесно проверлива информација“, рече на почетокот Митева.

Станува збор, дополни, за средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година, а не средства што се земени од буџетот за да се финансира прославата. Во согласност со заклучокот од 167. седница на Владата, со кој се утврдиле конкретните активности што треба да се реализираат во рамките на прославата по повод 35 години независност, како што рече, на „Државна лотарија“ ѝ било укажано да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година во висина од 300 милиони денари за спонзорирање на настаните како и да објави јавен повик за прибирање на понуди за реализација на спонзорираните настани. Јавно достапните информации потврдуваат дека на 30 април бил објавен повик за спонзорирани настани по повод 35-годишнината од независноста.

Митева нагласи дека парите биле од добивката на државното акционерско друштво и оти не станува збор за средства кои директно биле повлечени од државниот Буџет за финансирање на прославата.