Макрон по средбата со Зеленски: Франција ќе ѝ испорача на Украина нови радари и ракети за противвоздушна одбрана

Франција ќе ја зајакне противвоздушната одбрана на Украина со испорака на радари и ракети-пресретнувачи, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со неговиот украински колега Володимир Зеленски на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Франција ќе ја зајакне противвоздушната одбрана на Украина со испорака на радари и ракети-пресретнувачи, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со неговиот украински колега Володимир Зеленски на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

„Ја зајакнуваме противвоздушната одбрана на Украина со потпишување договор за испорака на радари, како и за обезбедување ракети-пресретнувачи“, напиша Макрон на платформата Икс, без да го прецизира бројот, видовите оружје или роковите за нивна испорака.

За време на темелната дискусија меѓу Макрон и Зеленски биле разгледани и заканите за енергетскиот систем на Украина во пресрет на претстојната зима.

„Руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина се закана милиони семејства да останат без греење и електрична енергија. Франција ќе застане рамо до рамо со Украина за да ѝ помогне да ја помине зимата, а за поддршка ќе биде мобилизиран и енергетскиот формат на Г7“, нагласи францускиот претседател.

Макрон откри и дека со американскиот претседател Доналд Трамп разговарал за поддршката за Киев, вклучително и за перспективите за „енергетско примирје“ и за воведување мораториум на нападите во Црното Море. Според него, тоа ќе биде една од темите на дневниот ред на преговорите за војната во Украина, кои треба да бидат обновени со цел да се дојде до праведен и траен мир.

Украинскиот претседател Зеленски по средбата потврди дека разговарале за безбедносни прашања и за пакетот мерки за поддршка во текот на зимата. Тој додаде дека со партнерите се работи на можноста за локално производство на системи за противвоздушна одбрана и ракети во Украина, како и на заедничката програма за спротивставување на балистички ракети „Фреја“.