Макрон му порача на Путин – да се избегне војна и да се изгради доверба

Емануел Макрон – претседателот на Франција вечерва на својот домаќин во Кремљ, рускиот претседател – Владимир Путин, му порача дека неговата цел е да се избегне војна и да се изгради довербата.

Путин истакна дека Русија и Франција споделуваат „загриженост за тоа што се случува во европската безбедносна сфера“.

„Гледам колку напори прават француското раководство и претседателот во моментов за да ја решат кризата за обезбедување еднаква безбедност во Европа за сериозна историска перспектива“ – рече Путин.

Макрон се позиционираше како потенцијален посредник, а француските власти изразија скептицизам за оценката на Вашингтон, Лондон и другите западни престолнини дека руски напад е неизбежен.

„Геополитичката цел на денешна Русија очигледно не е Украина, туку разјаснувањето на правилата за кохабитација со НАТО и ЕУ“ – изјави Макрон пред посетата на Москва.

По пристигнувањето во Москва, тој на новинарите им соопшти дека е „разумен оптимист, но не верува во спонтани чуда“.

Русија распореди повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина, но ги отфрла наводите дека планира инвазија.